Отровниот плевел Сребренолисен зрнец веќе е третиран во Неготино, но стручни лица од Здружението на граѓани Ековита од овој град, ќе работат во поширокиот регион, за да видат дали и таму е распространет. Повеќе активности на овој план најавуваат од идната недела. Тој е опасен за животните и посевите и мора да се отстрани. Плевелот мора да го уништат стручни лица. „Од следната недела очекуваме да почне да цвета бидејќи така најдобро се забележува, а поради ладното време се развлече периодот на цветање. Моментално е во вегетативна фаза. Само агроном или биолог може да го идентификува. Има зачетоци на цветови и очекуваме да се појави следната недела. Во расцветана фаза многу појасно ќе се наоѓа и тогаш граѓаните ќе можат да го откријат и тогаш може да почне кампањата, тогаш ќе можеме да ја испитаме целата рута од Гевгелија до Кавадарци. За жариштето во Неготино, физички е отстранет плевелот и испрскан со хербицид, додека второто жариште во Кавадарци доцни со вегетацијата и послабо се развива“, велат од Ековита.
Растението кое потекнува од Америка е отпорно на суша, има способност за брзо ширење преку ветер, вода, или слеп патник залепен на тркала на шлеперите.
„Професорот д-р Звонко Пацановски предупредува дека третманот мора да се спроведе пред фазата на зреење за да се намали ризикот од ново ширење. Следува мониторинг и мапирање на поширокиот регион од Кавадарци до Гевгелија, каде што според теренските индиции се можни нови жаришта. Кога ќе расцвета, ќе следи апел до граѓаните доколку го забележат веднаш да не информираат во Ековита. Заедно да го спречиме ширењето на овој плевел. На 13 мај во Неготино ќе се одржи завршен настан на проектот Екомисија каде ќе се прикажат досегашните резултати од акцијата за уништување на овој отровен плевел“, информира Тодорова.
Овие активности се дел од проектот „Граѓанските организации во акција за климатска промена“, кој го имплементира Еко-свест, со финансиска поддршка од Шведска. Овој плевел ги загрозува тревопасните животни, односно растението е отровно за добитокот, а неговите алкалоиди можат да предизвикаат невролошки нарушувања, и во крајна линија и смрт. Го уништува земјоделството така што брзо се шири и ги задушува локалните култури. Растението е отпорно на суша и неповолни услови, а неговото семе може да се разнесува преку ветер, вода и возила.