Во Неготино, родниот град на починатата Фросина Кулакова, денеска на градскиот плоштад е организиран собир во нејзина чест. Дваесет и две годишната Фросина вчера беше прегазена на булеварот „Партизански одреди“, од пијан 20-годишник кој без возачка дозвола возел со 130 километри на час и поминал на црвено. Настанот ќе започне во 15 часот на градскиот плоштад во Неготино, и е организиран на социјални мрежи од граѓани, кои сакаат да ѝ оддадат чест на Фросина, да упатат пораки со поддршка до нејзиното семејство, – Со огромна болка и револт да се собереме на мирен собир во чест на нашата Фросина, која беше свирепо прегазена на улица.
Живееме во општество каде што возењето под дејство на алкохол е целосно нормализирано. Време е да кажеме „ДОСТА Е“ – велат граѓаните. На социјалните мрежи има повик за протест и блокада на булеварот, во знак на револт против дивеењето на возачите и небезбедноста на улиците. Обвинителството соопшти дека 20-годишниот возач Васил Јованов, кој ја усмрти Фросина возел пијан и без возачка дозвола, со огромна брзина и поминал на црвено светло додека девојката го поминувала булеварот на пешачки премин. На возачот му беше одреден притвор од 30 дена. Освен кривична пријава за дрога, за која наместо во притвор неколку месеци бил во воспитно поправен дом, Јованов имал кривична пријава и за уште една сообраќајка која ја направил во 2022 година, соопшти Обвинителството. Жената тогаш се здобила со полесни повреди и Јованов платил 18 илјади денари.