Владата следната недела ќе донесе Одлука со која одморалиштето „Пониква“ ќе му се отстапи на Министерството за здравство како објект за продолжена медицинска нега и рехабилитација на повредените во пожарот во Кочани. Како што соопшти владината портпаролка Марија Митева, одморалиштето има 27 соби и 56 легла, а е лоцирано во природна и мирна средина што го прави погодно за пациентите. Станува збор за пациенти кои се веќе стабилизирани, но за кои постои потреба од натамошен третман. Тие ќе се распределат во неколку групи и ќе им се обезбеди персонализиран пристап, истакна Митева на прес-конференција во Владата.
Во моментот се работи на детален оперативен план за распределба и згрижување на пациентите, во соработка со Министерството за здравство и медицинските тимови, кои ќе ја понесат својата опрема во одморалиштето и ќе обезбедат континуирана медицинска нега директно на терен. Покрај медицинската грижа, оваа мерка има и важен психолошки и социјален аспект. Овозможувањето на престој во ваков тип на објект ќе придонесе за меѓусебна поддршка помеѓу пациентите и подобрување на нивната психо-емоционална состојба. Особено важно е да се нагласи дека, според медицинските проценки, пациентите не смеат да бидат изложени на директно сонце и високи температури, а истовремено, не треба да се соочуваат со дополнителен физички и логистички напор. Затоа, Пониква ги нуди сите предуслови за ваков тип на згрижување, посочи Митева.
Таа нагласи дека во најкус можен рок треба да се завршат сите овие процедури и институционално да се донесеат овие одлуки, медицинскиот кадар да контактира со сите пациенти, по што ќе започне сместувањето и спроведувањето на терапиите, согласно веќе утврдениот план.