Иранската делегација пристигна во Рим во пресрет на нуклеарните преговори со САД, предводена од министерот за надворешни работи, Абас Арагчи. Тој треба да одржи „индиректни“ разговори во Италија, со посредство на Оман, со американскиот претставник Стив Виткоф. Ова е втор состанок на ова ниво откако САД се повлекоа од меѓународниот договор за нуклеарната програма на Иран во 2018 година, за време на претходниот мандат на Доналд Трамп. Откако се врати во Белата куќа во јануари, Трамп повторно започна политика на „максимален притисок“ врз Иран, иако со оваа земја САД немаат дипломатски односи од 1980 година. Во март, Трамп ги повика иранските власти да преговараат за нов договор и се закани дека ќе го бомбардира Иран доколку дипломатијата не успее.
Иран верува дека постигнувањето нуклеарен договор со САД е можно сè додека Вашингтон има реални барања, тврди Арагчи, пренесува Хина, повикувајќи се на Ројтерс. Доколку ја покажат сериозноста на своите намери и не поставуваат нереални барања, можно е да се постигне договор, рече иранскиот министер. Првата рунда разговори се одржа во Оман, а и тогаш медијатор беше министерот за надворешни работи на Оман, Бадр ал-Бусаиди. Иран минатата недела им соопшти на САД дека е подготвен да прифати некои ограничувања за збогатување на ураниум, но дека му се потребни силни гаранции дека американскиот претседател Доналд Трамп нема повторно да се повлече од нуклеарниот договор, изјави во петокот висок ирански функционер. Рускиот министер Сергеј Лавров во петокот изјави дека Русија е „подготвена да помогне, да посредува и да игра каква било улога што ќе им биде корисна на Иран и на САД“.