Двајца мажи осудени на смрт за убиство беа егзекутирани во четвртокот во Оклахома и Флорида, со што бројот на осудениците на смрт кои се погубени во САД досега оваа година се искачи на 10, објавија американските медиуми.
Во Оклахома е погубен Вендел Грисом, 56-годишен возач на камион, осуден на смрт за разбојништво и за убиство на 23-годишната Амбер Метјус, која ја застрелал во глава за време на грабеж во 2005 година. Во Флорида е погубен, Едвард Џејмс (63) осуден за силување и убиство на 8-годишната Тони Нонер и нејзината баба Бети Дик во 1993 година, додека бил под дејство на алкохол и дрога. Според државната затворска служба, тој бил егзекутиран во 20 часот и 15 минути по локално време исто така со смртоносна инјекција.
Ова беа последните две егзекуции планирани да се случат оваа недела во САД. Во средата, уште еден осуденик на смрт беше погубен со смртоносна инјекција во Аризона, што е прво погубување во таа држава по повеќе од две години. И во вторникот, уште едно лице беше погубено во Луизијана со вдишување на азот, метод што до оваа недела го користеа само властите во соседна Алабама и што експертите на ОН го споредија со форма на „мачење“. Во 2025 година, имаше 10 егзекуции во САД: седум со смртоносна инјекција, две со вдишување азот и една со стрелање во Јужна Каролина што беше прв пат овој метод да се користи во САД од 2010 година. Смртната казна е укината во 23 од 50 американски сојузни држави. Во пет други (Калифорнија, Охајо, Орегон, Пенсилванија, Тенеси) е воспоставен мораториум на неговото спроведување, врз основа на одлуките на нивните гувернери.