Почитувани, Во Територијална противпожарна бригада на Град Скопје го одбележавме 20 Мај Денот на македонските пожарникари. Како командант на Противпожарната бригада на Град Скопје поднесов рапорт од името на хероите на Скопје за професионалноста, посветеноста и пожртвуваноста што континуирано ја покажуваат за да бидат сите наши сограѓани сигурни и безбедни. Скопските пожарникари несебично вршејќи ја својата професија во заштита на безбедноста на граѓаните и јавните добра секогаш се подготвени брзо да дејствуваат, изложувајќи се на опасни и тешки задачи во кои животите на другите ги ставаат пред својот. Знаењето, работата, стекнатото искуство и континуираното докажување во справување со предизвиците со кои се соочуваат членовите на нашата бригада секојдневно, ги прави врвни професионалци со кои целиот град се гордее.
Од името на сите припадници на Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје на Градоначалничката Данела Арсовска и врачивме благодарница за сите нејзини напори за унапредување и модернизација на условите на Бригадата како и за подобрување на екипираноста обезбедување соодветни обуки за пожарникарите, неопходни за зголемување на подготвеноста за интервенции. Од името на Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје би сакал да ја истакнам нашата покана да присуствувате на Свечената академија на 05.06.2025 година, на која ќе се промовира новата генерација пожарникари и премиерно ќе се изврши презентација на иновативните средства со кои членовите на бригадата ќе отпочне да делува на терен.