Според хрватските власти, криминалната мрежа илегално го закопувала и отстранувала медицинскиот отпад од хрватските компании. Хрватската канцеларија за сузбивање на корупција и организиран криминал (УСКОК) денеска потврди дека отворена е истрага против бизнисменот од Вараждин, Јосип Шинцек и уште деветмина осомничени, меѓу кои и неговата сопруга и сопругата на златарот Пашко Додиќ Франциска. Тие се товарат за тешко кривично дело против животната средина, фалсификување службени и деловни исправи, даночно затајување и перење пари, пренесува Индекс.хр. Од Канцеларијата тврдат дека Шинцек всушност водел злосторничко здружение, кое ги извршило сите овие злосторства. Иако УСКОК наведува дека се уапсени 10 лица, ЕУРОПОЛ во своето соопштение пишува дека се уапсени вкупно 13 лица. Се проценува дека незаконски биле отстранети најмалку 35.000 тони отпад, со што криминалците заработиле најмалку 4 милиони евра.
Во изјавата на Ускок се наведени и други суми кои се во вкупна вредност од нешто повеќе од еден милион евра. Лабораториските анализи покажале дека нелегално фрленото ѓубре, кое криминалците лажно го прогласиле за пластичен отпад што може да се рециклира, законски се смета за опасен отпад. Според хрватските власти, криминалната мрежа илегално го закопувала и отстранувала медицинскиот отпад од хрватските компании, пишува ЕУРОПОЛ. Трговијата со отпад е нелегална активност која им овозможува на криминалните мрежи да остваруваат огромни профити, притоа изложувајќи се на релативно низок ризик. Незаконското фрлање отпад често предизвикува непоправлива штета на животната средина со загадување на почвата, водата и воздухот. Овие злосторства обично одат рака под рака со фалсификување документи или финансиски злосторства како што се перење пари и корупција. Извор: Новинска агенција МЕТА