Предлог-одлуката без расправа доби поддршка во собраниската Комисија за финансирање и буџет, чии членови на предлог на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Миле Лефков поддржаа и амандман со неа да се опфатат и средства за спомен обележјето.Лефков во образложение на амандманот рече дека одлуката е во координација со семејствата на настраданите во пожарот од 16 март годинава во кој загинаа 62 лица, а околу 200 се повредени, а произлегува, како што рече, од нивната и нашата заедничка желба барем дел од болката да преточиме во достоинствено сеќавање, а трагедијата никогаш да не се повтори.
– Сакаме да оддаме почит, но и да оставиме траен белег што ќе повикува на одговорност и безбедност на идните генерации. Барањето е овој споменик да биде поставен во централното градско подрачје, таму каде што ќе биде видлив како жив спомен, но и како предупредување. Ова не е момент за политика, ве замолувам сите за поддршка, ова е момент за заедништво, почит и сеќавање, рече Лефков.
Заменик-министерот за финансии Николче Јанкуловски во образложение на Предлог-одлуката соопшти дека со неа се врши реалокација на средства во износ од околу 600 милиони денари наменети за инфраструктурни и капитални проекти за развој на општините, согласно објавениот повик и утврдени критериуми од страна на надлежните министерства.
– Поддршката на локалниот развој преку проекти во општините ќе има позитивно влијание врз економската активност, развојот во општините и зголемување на квалитетот на животот на граѓаните, рече Јанкуловски.
Тој соопшти дека со Предлог-долуката се реалоцираат 242,64 милиони денари од Министерството за економија и труд во Министерството за социјална политика, демографија и млади, а ќе се искористат за исплата кон заштитни друштва по основ на поврат на платени придонеси.