Во скопски Центар во наредниот период ќе се доселат илјадници нови граѓани, а капацитетот на осумте основни училишта е ограничен. Во моментов во населбата Буњаковец има градежна офанзива, буквално пред секоја постара куќа има паравани и се изнесува градежен шут, за потоа тука да никне зграда. Во самата близина на најстарото општинско училиште „Јохан Хајнрих Песталоци“ се градат десетици нови згради. Во ова основно училиште капацитетот е ограничен и може да има само три паралелки во една генерација. Освен тоа, се примаат и ученици од други општини, чии родители работат на оваа територија.
– Точно е дека околу „Песталоци“ се градат голем број на нови згради, ние како општина сакаме да ги прошириме капацитетите, но станува збор за училиште изградено од донатор по земјотресот и за тоа ќе треба специјална дозвола. Ние бараме да се тргне таа заштита, но засега нема ништо од тоа, вели градоначалникот Горан Герасимовски. На стотина метри подолу кон улица „Рузвелтова“ се градат зградите од урбанистичкиот план „Буњаковец“ во кругот на поранешната фабрика „Треска“. Тука се очекуваат 30-тина згради, а градоначалникот вели дека нови барања за градежни дозволи од потенцијални инвеститори пристигнуваат постојано во локалната самоуправа.
– Барања има постојано, а добро е тоа што малите парцели се окрупнуваат и може да се испланира подобар простор за живеење. При тоа, сакам да ги демантирам информациите дека двонасочните улици сум ги променил во еднонасочни, за да ги задоволам барањата на инвеститорите. Знам дека некои граѓани треба да вртат цел круг околу населбата за да дојдат дома, но тоа е барање од пред 5-6 години за кое се чекаше дозвола од сообраќајната полиција, тврди Герасимовски. Огромен број на граѓани се доселија и во висококатниците од комплексот „Лимак“, а допрва тоа ќе се случува кај проектот „Гранд“ спроти хотелот „Холидеј Ин“ кај ГТЦ кој ќе биде скопскиот „даунтаун“.
– „Лимак“ не направи притисок и бројката на ученици во блиските „Кочо Рацин“ и „Гоце Делчев“ е оптимална, а за понатаму ќе видиме, додава градоначалникот. Бидејќи секојдневното живеење е на раб на подносливост, општината има идеја да постави транзитни рампи во Дебар Маало и да им наплаќа на нерезидентите, со тоа што по плаќањето паркирањето би било слободно. Се преговара и со Министерството за одбрана и Архитектонскиот факултет да се менаџираат нивните паркинзи, но изгледите се дека преговорите ќе потраат.
А.К.