Вработените од Зоолошка градина немаат земено плата од февруари. Директорот на Зоолошката Зоран Попов како главен виновник за ова го посочува Министерството за култура. Од утре нема да имаат ни здравствено осигурување. Од страна на Министерството за култура до нашата институција беше испратен мејл, врз основа на кој бараа сите јавни установи од културата да направат незаконски измени на пресметките за мартовските плати, без правна основа, спротивно на Колективниот договор. Зоолошка градина Скопје, како и другите јавни установи испрати официјални забелешки и прашања до Министерството бидејќи насоките во мејлот беа нејасни, но до денеска немаме добиено никаков одговор. Согласно насоките од Министерството за култура кои беа дадени за директорите истите се принудуваат да ги поништат старите решенија за плата и да изготват нови.
Оттука јасно произлегува дека вината за неисплатените плати не е во менаџментот на Зоолошка градина Скопје како што во јавноста пробаа да излажат и манипулираат одредени поединци, за што ќе побараме јавно извинување, напиша Попов на Фејсбук страницата на Зоолошката градина. Министерот за култура, Зоран Љутков вели дека до нив уште не е доставена пресметка, која потоа оди на исплата во Министерството за финансии.