Синдикатот на културата денеска ќе одржи протестен совет пред Министерството за култура поради неисплатените плати и како што соопшти, обидите за непочитување на колективните договори.
– Повод за овој протестен Совет во проширен состав пред Министерството за култура и туризам е ударот врз достоинството на културните работници, ненавремените и јасни насоки за пресметка на плата од Министерството за култура, постојаните обиди за непочитување на колективните договори, што резултираше со доцнење на платите и оставање на вработените во културата за велигденските празници без пари – велат од Синдикатот. Оттаму минатата недела реагираа бидејќи вработените во култура беа оставени без плата за време на Велигденските празници.
Од Министерството за култура и туризам соопштија дека вработените во институциите од областа на културата ќе ги добијат платите со потребното зголемување во првите два работни дена после празниците, а доцнењето било заради усогласување на платите. – Причините за доцнењето се заради усогласување на пресметките за плати со Министерството за финанасии – информираа од Министерството за култура и туризам. Од опозициската СДСМ вчера побараа оставка од министерот за култура Зоран Љутков поради, како што наведоа, хаосот што го направил во културата.