Време е да ни се придружите во европските интеграции, порача претседателката на Државниот збор на Словенија (словенечкиот парламент), Уршка Клакочар Зупанчиќ на заедничката прес-конференција со нејзиниот домаќин претседателот на македонското Собрание, Африм Гаши. Клакочар Зупанчиќ, која од денеска е во официјалн посета на земјава, рече дека Словенија останува силен поддржувач на Северна Македонија на нејзиниот евроинтегративен пат, а на тет-а-тет средбата со Гаши, како што кажа, ги потврдиле одличните односи помеѓу двете држави, што ги одбележуваат пред сè пријателство и взаемна солидарност.
Сакам да потенцирам дека Словенија е континуиран и ангажиран поддржувач на Северна Македонија на патот кон ЕУ и ќе ги нуди своите искуства и поддршка и понатаму. Убедена сум дека притоа секогаш позитивно за проширувањето на регионот ќе биде фактот дека новиот комесар за проширување е од Словенија, г-ѓа Марта Кос. Парламентот на Република Словенија е секогаш подготвен за размена на искуства и вредности. Сето тоа придонесува за поефикасно работење на македонското Собрание на патот кон Европската Унија. Се радувам на денот кога ќе можеме да ја поздравиме Северна Македонија како рамноправна членка на Европската Унија“, рече претседателката на словенечкиот парламент. Таа кажа оти лично смета дека членството во ЕУ не би требало да биде далеку, будејќи, како што рече, влегувањето на државите од Западен Балкан во Унијата не смее да биде придружено со прашања – ако, дали, кога.
“Тоа мора да се случи брзо. Посакувам одлуките и решенијата да дојдат што побргу за Република Северна Македонија, бидејќи во Словенија сме свесни дека нè врзува едно заедничко срце и меѓусебно разбирање, пред сè сличната историја, слична површина, сличен број на население, слична борба за националните идентитети и јазик. Време е г. претседател (Гаши) да ни се придружите во европските интеграции“, кажа Клакочар Зупанчиќ.