Врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи објави порака на платформата на социјалните мрежи Х, во која најавува ескалација на конфликтот, велејќи дека „во името на благородниот Хајдар, битката започнува“. Хајдар е едно од имињата на Али, кого шиитските муслимани го сметаат за прв имам и легитимен наследник на пророкот Мухамед, наведува Си-eн-eн.
Во посебна објава на англиски јазик, исто така на X, Хамнеи рече: „Мораме да му дадеме силен одговор на терористичкиот ционистички режим. Нема да покажеме милост кон ционистите“. Изјавите на Хамнеи дојдоа во време на зголемени тензии во регионот, бидејќи на социјалните мрежи се појавија снимки од ракети кои наводно доаѓаат од Иран и летаат над градот Хеброн на Западниот Брег.