Врховниот суд на Аргентина ја потврди пресудата со која поранешната претседателка на државата Кристина Фернандез де Кирхнер беше осудена на шест години затвор за корупција, со трајна забрана за вршење јавна функција, пишува американскиот НБС Нуз.Судот наведе дека Кристина Кирхнер, додека била прва дама и претседателка, во периодот од 2007 до 2015 година, пренасочила државни договори кон градежни фирми поврзани со блискиот соработник Лазаро Баез, што ја чинеше државата десетици милиони долари.
Во прашање се 51 договор доделен по цени 20 проценти повисоки над пазарната вредност.
Пресудата дојде само неколку дена откако Кирхнер започна кампања за учество на есенските парламентарни избори, кои сега се недостапни за неа, пишува Асошиетед Прес.Министерството за безбедност на Аргентина доби наредба да подготви притворен центар, додека нејзините адвокати бараат таа да ја отслужи казната во домашен притвор поради нејзината 72 годишна возраст.
Report Ad
Во своето образложение, судот истакна дека казната „го штити демократскиот и републиканскиот систем“, нарекувајќи ги постапките на нејзината администрација измама што ја оштетила државата за околу 70 милиони долари.Пресудата предизвика масовни протести од поддржувачите на Кирхнер, кои ги блокираа главните патишта во Буенос Аирес, а поддржувачите упаднаа и во редакциите на Канал 13 и Тодо Нотисијас.
Автомобили и опрема беа уништени, но немаше извештаи за повредени. Кирхнер рече дека пресудата е политички мотивирана и дека судиите се „марионети“ на оние кои имаат вистинска економска моќ во земјата.„Ова не се судии, тие се слуги на моќта во сенка“, изјави Кирхнер пред толпата пред седиштето на нејзината партија.
Нејзиниот правен тим објави дека ќе го однесат случајот до меѓународните организации за човекови права, тврдејќи дека на одбраната не ѝ е даден пристап до сите докази, ниту пак се почитувани законските рокови.