Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека украинскиот претседател Володимир Зеленски би можел да се врати во Белата куќа по разговорите во Саудиска Арабија, каде Украина се согласи на привремен прекин на огнот. Трамп повтори дека Украина го прифатила предлогот за целосен прекин на огнот на 30 дена за време на разговорите во Џеда и изрази надеж дека „Русија ќе се согласи на тоа“.
„Ќе се сретнеме со нив (Русија) подоцна денеска и утре, и се надевам дека ќе постигнеме договор. Мислам дека прекинот на огнот е многу важен“, рече Трамп.
На прашањето дали Зеленски ќе биде поканет назад во Белата куќа, американскиот претседател одговори: „Се разбира, апсолутно“.

Изјавата на Трамп уследи по неколкунеделните напнати односи меѓу Киев и Вашингтон, по жестоката расправија меѓу Зеленски и Трамп во Овалната соба на 28 февруари. Овој конфликт ги наруши плановите за потпишување билатерален договор за минерали и доведе до замрзнување на американската воена помош за Украина и размена на разузнавачки информации. После тоа, претставниците на Белата куќа јасно ставија до знаење дека Зеленски мора да се извини и да се заложи за продолжување на мировните преговори. На 4 март, Зеленски ја нарече конфронтацијата „за жалење“ и ја потврди својата подготвеност да работи на мир под „силното раководство“ на Трамп.

Според резултатите од преговорите во Саудиска Арабија, Украина ја потврди својата подготвеност да воведе привремен 30-дневен прекин на огнот под услов Русија да го почитува договорот. Оваа одлука означува значителна промена, бидејќи украинските власти претходно предупредија дека секоја пауза во борбите ќе и овозможи на Русија да се прегрупира и да се подготви за идни офанзиви. Разговорите во Џеда, исто така, доведоа до тоа Вашингтон да ја обнови воената и разузнавачката поддршка за Украина, менувајќи ја одлуката што претходно ја донесе Трамп да ја прекине помошта по конфликтот на 28 февруари.