Српскиот вицепремиер Александар Вулин рече дека руските тајни служби им помогнале на властите во борбата против повеќемесечните антивладини протести. „Многу сум им благодарен на руските специјални служби кои секогаш нè поддржуваат во борбата против обоените револуции, пред сè со информации“, рече Вулин во интервју за руската државна новинска агенција РИА Новости.
„Тие знаат каква опасност ѝ се заканува на Србија“, додаде Вулин. Тој потсети дека специјалните служби на Русија и Србија официјално се договориле да соработуваат во борбата против „обоената револуција и дека овој договор останува во сила. Протестите, предводени од студентите и поддржани од професори, земјоделци и работници, траат од ноември минатата година, откако 15 луѓе загинаа во уривање на настрешницата на железничката станица во Нови Сад. Бројот на жртви во меѓувреме се искачи на 16. Демонстрантите ги обвинуваат властите за корупција и лошо менаџирање, што, според нив, довело до несреќата.