Српскиот претседател Александар Вучиќ објави дека примената на американските санкции против нафтената индустрија на Србија (НИС) е одложена за уште 30 дена.
„Добивме уште 30 дена одложување на санкциите за НИС. Ви благодариме на сите луѓе во Србија кои се бореа и им благодариме на нашите американски партнери за нивното разбирање. Ја зачувавме стабилноста, ја враќаме Србија на патот на успехот“, објави Вучиќ на Инстаграм.
Американските санкции за НИС, компанија во која доминантен сопственик е руски „Гаспром“, требаше да стапат во сила утре во шест часот наутро, а ова е второ одложување од 30 дена. Српската влада го продаде НИС на рускиот „Гаспромнефт“ во 2008 година, а според податоците на Централниот депозитар за хартии од вредност, Гаспромнефт и Гаспром во моментов имаат 56,15 отсто од акциите на компанијата, додека 29,87 отсто се во сопственост на државата Србија.