Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска изјави дека е свесен оти многу функционери во Европската унија (ЕУ) не ја одобруваат неговата неодамнешна посета на Москва, но дека се надева дека ќе имаат разбирање, пренесува „Н1“. По разговорот со претседателoт на Европскиот совет, Антониo Кошта, Вучиќ на прес-конференција рече дека е задоволен од средбата и дека на средбата се разговарало за дијалогот со Приштина, зачувувањето на регионалниот мир, неопходноста од реформи во Србија и неговото заминување во главниот град на Русија. „Многу сум среќен што разговаравме, задоволен сум од содржината на нашите разговори. Кошта донесе добра волја во разговорите за пристапувањето на Србија. ЕУ за нас е партнер од највисоко значење“, кажа Вучиќ.
Тој додаде дека никој од европските функционери досега не побарал од него да распише вонредни парламентарни избори, што беше барање неодамна од студентите во блокадата. „Никој од Европа сè уште не побарал да распишам избори. Никој не ме прашал тоа, ниту дали сме ги ослободиле оние што се занимавале со криминал или упаднале во институции. Не сум ни слушнал европско барање во врска со лагата за звучниот топ, а најмалку за тоа, што правев во болница кога ги посетив повредените во пожарот што се случи во Кочани во Северна Македонија“, рече Вучиќ. Извор: Новинска агенција МЕТА