Српскиот претседател Александар Вучиќ најави дека денеска ќе се одржи иницијативен состанок за формирање ново движење, на кој ќе присуствуваат околу десет лица. Според неговите изјави, овој состанок ќе означи почеток на сите активности поврзани со неговото формирање. Вучиќ изјави дека во наредните недели ќе бидат подготвени сите детали – од името и симболите на движењето, кое ќе биде организирано како здружение на граѓани, до неговата целосна програма. Тој додаде дека иницијативниот комитет веќе има утврдено неколку основни точки поврзани со визијата за иднината на Србија и дека очекува голем број граѓани да се приклучат.
Премиерот во технички мандат, Милош Вучевиќ, најави дека состанокот за ова движење ќе се одржи викендов, а во текот на дискусиите ќе се утврдат сите активности до официјалното формирање, кое е планирано за Видовден (28 јуни). Според него, дополнително ќе се договара и терминот за голем митинг, кој може да се одржи на 28 март или во април. Ваквите најави на српските власти доаѓаат во период кога студентите одржуваат масовни протести низ Србија и добиваат поддршка од сите делови од општеството и државата.