Српскиот претседател Александар Вучиќ се извини на граѓаните на Србија и на Радио-телевизија Србија, затоа што новинарка од дописништвото во Ниш ја нарече „имбецил“, но притоа изнесе низа oбвинувања на сметка на јавниот сервис, новинарите, како и студентите кои ги организираат протестите ширум Србија, пренесува „Н1“. Тој со писмо се обратил до јавноста, а во него е наведено:
„Со месеци траат противуставните и противзаконски блокади на патиштата, пругите и институциите на Србија. Со месеци спроведуваат шарена револуција, a криејќи се зад измислени, суштински непостоечки и барања, малтретираат и спроведуваат насилство врз граѓаните на Србија, преземајќи ингеренции и обвинителств, суд и полиција и морални праведници на кои им е дозволено се, а одговорност и обврски немаат. Тишината одекнува, токму како што рекоа новинарите на РТС од Ниш, само што овојпат ниту тие ниту нивните колеги не одговорија со мил глас. Да бидам јасен, како претседател на Републиката, без разлика на тортурата низ која секојдневно минувам, иако не сум надлежен, немам право никого да нарекувам имбецил и им се извинувам за тоа на граѓаните на Србија и на новинарите на дописништвото на РТС“, навел Вучиќ во писмото. Претходно, на собирот во Ниш пред неколку дена, за дописничката на РТС од Ниш претседателот не бираше зборови и ја нарече „имбецил“.
„РТС не е никаков јавен сервис, тоа стана сервис на пленумот и опозициските партии и нема да им помогне, што и да прават. На нив им е до шарена револуција, и тоа требаше да го кажат веднаш, а не да го лажат народот. Кажете, `ја сакаме главaтa на Вучиќ`, немојте дa лажете дека ви е до правда“, кажа тој меѓудругото, по што се закани со контрареволуција.