Во заедничка акција на Вишото јавно обвинителство во Белград, припадници на МВР на Србија и на Безбедносно-информативната агенција денеска се уапсени осум лица поради сомневања за кривично дело „Подготовка на кривично дело против уставниот поредок и безбедноста на Србија“.
„Попладнето беа уапсени Д.С. од Ниш и Д.С. од Белград, додека Л.С. беше уапсен порано денеска од Заечар, И.М. од Смедерево, Л.С. од Крагуевац, Б.Б. од Белград, Н.П. од Сомбор и Д.Д. од Ниш“, соопшти Вишото јавно обвинителство во Белград. Постојат основи за сомневања дека на 20 јуни 2025 година, во просториите на Електротехничкиот факултет и на 21 јуни 2025 година, во просториите на Градежниот факултет во Белград, меѓу другото, тие договориле и подготвиле напад врз државни институции, блокирање патишта и клучна инфраструктура низ целата земја, со цел насилно менување на државниот поредок.
Доцна попладнево и вечерва во Белград има големи протести на студентите во блокада и граѓани кои ги поддржуваат. Блокирани се населби, раскрсници и се одржува голем протест пред Палатата на правдата. Блокиран е вечерва и мостот Газела како и Панчевачки мост. Студентите во блокада објавија дека приведените се студенти на факултети во Србија. Протести има и во Нови Сад, Ниш, Крагуевац, Заечар, Лозница…Тие повикаа на граѓанска непослушност со блокирање на клучни точки на локално ниво, јавија белградските медиуми.