Собранието за среда, 28 мај, ја закажа седницата на која ќе се одлучува за изборот на нов гувернер на Народната банка. Седницата ќе започне во 11 часот, а изборот на гувернер е прва точка на дневниот ред, според информациите објавени на официјалната веб-страница на Собранието.
Како кандидат за нов гувернер е предложен универзитетскиот професор Трајко Славески од Економскиот факултет. Тој треба да ја наследи досегашната гувернерка Анита Ангеловска-Бежоска, која ја водеше институцијата од 2018 година.
Предлогот за именување на Славески до Собранието го достави претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова. Според соопштението од нејзиниот Кабинет, одлуката била донесена по консултации со сите кандидати, при што претседателката се водела од нивната стручност, интегритет, дигнитет и реалните можности за именување.