Синоќа во фестивалската сала ,,Јанко Узунов” во Валандово, се одржа 38-то издание на фестивалот на новосоздадена македонска песна Фолк фест Валандово 2025. Се натпреваруваа 22 композиции, творени во духот на македонската фолк музика. Победата на фестивалот ја однесе дуетот Сузана Гавазова и Љубчо Ѓоргиев со песната ,,Љубовта да расцути”. Станува збор за композиција за која аранжманот го направи Николче Мицевски, музиката е на Миле Барбаровски, а текстот на Ѓорѓи Барбаровски. Второтопласирана е композицијата ,,Што си ветивме” на Василија Петрова и Благоја Грујовски, а за трето место беше избрана композицијата ,,Дојди” на Смиља Митровска.
Награда за животно дело постхумно беше доделена на Гоце Арнаудов, за се што создал на македонската музичка сцена и вредноста што ја оставил зад себе. Истата ја зеде неговата сопруга Силвија, која не можеше да ги скрие солзите на сцената, додека публиката со гласен аплауз му оддаде почит на Арнаудов. Во ревијалниот дел пак, свој настап имаше Перо Христов. -Фолк Фест – Валандово, е симбол на нашата заедница и традиција која ја негуваме и надградуваме генерации наназад. Фестивалот има исклучително културолошко значење и истиот е дел од нашата идентитетска посебност, порача градоначалникот Перо Костадинов, кој им ја врачи наградата на Гавазова и Ѓоргиев.