Во интерес на целосно информирање на јавноста околу страотниот пожар кој одзеде 59 млади животи, Фактор целосно го пренесува соопштението од Основното јавно обвинителство кои работи на овој случај. Основната информавија е дека ќе се спроведува истражна постапка против 27 физички и три правни лица од земјава. Основното јавно обвинителство Кочани донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 27 физички и три правни лица за кои постои основано сомнение дека како соизвршители сториле – Тешки дела против општата сигурност од член 292 во врска со член 288 од Кривичниот законик.
Сите осомничени во периодот од 2012 година до 16.03.2025 година, заеднички но секој од аспект на своето својство, надлежности и одговорности, воопшто не постапиле според прописите за мерките за заштита и со тоа предизвикале опасност за животот и телото на луѓето и имот од големи размери. Верижните пропусти и незаконити дејствија на одговорните и службените лица, довеле до тоа да при користење на пиротехничките средства на 16.03.2025 година за време на настапот на музичката група ДНК во кабаре КЛУБ ПУЛС во Кочани, биде предизвикан пожар во кој настапила смрт на 59 лица меѓу кои 6 деца, а биле повредени уште 197 лица од кои 25 деца.
Во тој контекст, конкретно постои основано сомнение дека првоосомничениот за периодот од 13.02.2024 година до 13.02.2025 година директно на осомничено службено лице вработено во Министерството за економија, му дал паричен износ за да изврши службено дејствие што не би смеел да го изврши и на тој начин, без притоа да биде спроведена законски пропишаната постапка, обезбедил фалсификувана службена исправа – лиценца за вршење на угостителска дејност. Поради тоа против вработениот во Министерството за економија е поведена постапка и за – Примање поткуп од член 357 од Кривичниот законик.
Од Министерството за економија до овој момент осомничени се поранешен министер, но и поранешен државен секретар, раководител на сектор, раководител на одделение и помлад соработник, кои и во моментов работат во Министерството но на други раководни позиции. Сите тие со неизвршување на своите службени должности што биле правно должни да ги извршат, не постапиле според прописите и техничките правила за мерките за заштита и на осомниченото правно лице кое не ги исполнувало пропишаните услови и начин за вршење на угостителска дејност во повеќе наврати со лиценци му овозможиле вршење угостителска дејност – кабаре.
Осомничените тројца градоначалници на Кочани во периодот од 2012 година до 16.03.2025 година, како и осомничен поранешен директор на Дирекцијата за заштита и спасување не ги извршиле своите правни обврски согласно Законот за заштита и спасување, со што овозможиле Кабарето ПУЛС незаконито да продолжи со вршење на угостителска дејност, спротивно на Законот за угостителска дејност и другите пропишани услови согласно закон. За целиот тој период општината примала уплати по основ на надоместок за угостителски објект.
Во однос на активностите на Државниот пазарен инспекторат и Дирекцијата за заштита и спасување, Министерството за внатрешни работи продолжува да врши проверки во насока на утврдување на сите пропусти во текот на целиот временски период на работа на клубот.
Фото: ЕПА