Денеска во посета на Единицата за службени кучиња при Министерството за внатрешни работи биле учениците од шесто одделение од училиштето „Наум Наумовски-Борче“ во Гази Баба, заедно со градоначалникот на општината Бобан Стефковски. Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски за настанот објави на „Фејсбук“. Тој пишува дека 11-годишните ученици, придружувани од претставници на неговиот кабинет, имале можност „да се запознаат со работата на оваа полициска единица и сè што прават службените кучиња за безбедноста на граѓаните, ВИП-лица и објекти, како што е откривање експлозиви, оружје и забранети супстанци“. Учениците присуствувале и на показна вежба на која полициските кучиња извршувале наредби од своите тренери и во пракса пронашле експлозиви и оружје, „исто како што би било во реална ситуација“, вели Тошковски.
„На крај учениците имаа можност да се дружат со најмалите кучиња кои се на почетокот на процесот на тренирање. Секако, имаше и многу прашања кои се одговорија како: Дали едно куче може да пронаоѓа повеќе работи и оружје и дрога, кога почнува а кога завршува обуката на едно полициско куче, кој им ги дава имињата на кучињата, на кои полициските службеници одговорија со задоволство. МВР преку вакви активности продолжува да ја доближува полицијата до граѓаните, а особено до помладите генерации прикажувајќи ја работата на различните сектори. Целта е јасна: повеќе доверба, поголема безбедност и заедничко учество во градењето на посигурна средина за сите, пишува Тошковски во впечатоците од екскурзијата на основците кај полициските кучиња.