Натписи, транспаренти и други форми на протест можат да се забележат на многу локации низ Белград, особено во студентските кампуси, каде што незадоволството на младите е најизразено Повеќе од три месеци поминаа од трагедијата на железничката станица во Нови Сад, Србија, а граѓанските протести и студентските блокади со барања за утврдување одговорност за несреќата и спроведување на правата и правдата, траат и понатаму. Блокадите продолжуваат, а денес во Белград се одржаа неколку протестни собири, меѓу кои и еден пред Министерството за
образование. Стотина студенти, професори и граѓани претпладнево се собраа пред зградата на ова министерство, каде, обединети во неформалната организација „ПУЛС на белградските основни училишта“ доставија писмо до ресорната министерка Славица Ѓукиќ Дејановиќ со барањата за кои сакаат да разговараат. Просветните работници од белградските училишта, од Министерството за образование бараат поголема безбедност за учениците и наставниците, прекин на таргетирањето на наставниците, олеснување на административниот дел од нивната работа за да можат повеќе да им се посветат на учениците, а побараа и измени на законот за штрајк на наставниците и за изборот на директор. Студентите ја блокираа улицата „Немањина“ пред српското МОН, по што се упатија кон Студентскиот парк.