Трагите од запалениот автомобил „ситроен“, со кој беше грабната 14-годишната Вања Ѓорчевска, водат во атарот на селото Бразда, Општина Чучер Сандево, на половина пат кон спортскиот аеродром Стенковец, објави телевизијата Телма. Во близина на опожареното возило, според првичните информации, било закопано телото на Вања.
Но, дотаму не бил можен пристап во текот на денот бидејќи местото го обезбедувала полицијата која не дозволивала приближување и снимање.
Траги од опожареното возило „ситроен“ со кое била грабната Вања / Принтскрин: ТВ Телма
До местото може да се стигне исклучиво по земјен пат кој малкумина го знаат, па според Телма, дури ни мештаните на селото не ја знаат точната локација каде што било запалено возилото.
Патот по кој осомничените стигнале до атарот на Бразда каде што ја закопале Вања и го запалиле „ситроенот“ / Принтскрин: ТВ Телма
Девојчето, како што беше соопштено на денешната прес-конференција на министерот Оливер Спасовски и обвинителот Гаврил Бубевски, било убиено околу 10 часот – два и пол часа по грабнувањето од влезот на зградата во која живеела во скопски Центар. Времето на убиството засега се определува според исказите на осомничените кои признале вина, а потврда со материјални докази допрва се очекува, меѓу другото, и по завршување на обдукцијата.
Освен од Бразда, Телма објави снимки и од дупката во Велешко во која било оставено телото на 74-годишниот велешанец Панче Жежовски, кој бил убиен неколку дена пред Вања.
Местото каде што било оставено телото на 74-годишниот велешанец Панче Жежовски / Фото: ТВ Телма
За убиството на велешанецот, како што соопшти министерот Спасовски, осомничени се истите лица кои се сомничат дека го извршиле грабнувањето и убиството на 14-годишната Вања. Но, како што посочи министерот, девојчето и велешанецот немале никаква врска еден со друг.Местото каде што било оставено телото на 74-годишниот велешанец Панче Жежовски / Фото: ТВ Телма