Лани само Клиниката за онкологија имала 725 нови пациенти со рак на бели дробови, што е 100 повеќе во споредба со пред пет години. Има алергии, инфекции, луѓе се жалат на главоболки што не им поминуваат, вели д-р Андон Чибишев. ЕК утврди дека Северна Македонија има најмногу смртни случаи во Европа како последица на загаден воздух. Како кнедла да ми стои во грлото – кашлам, а не можам да ја исфрлам надвор. Станувам по десетина пати ноќе, не се спие, вели Владимир Милановски, 55-годишен скопјанец, за тоа колку му пречи воздухот поради кој Скопје минатата недела беше прв во Европа и петти најзагаден град во светот.
„Тоа ми случува само кога е екстремно загадено. Здрав сум, немам хронични болести…а како им е на луѓе со проблеми со срце, со астма?, вели Милановски.
Д-р Чибишев: Имаме пациенти кои не реагираат на терапија
Според табелата на платформата за мерење на аерозагадувањето „IQAir“, нивото на ПМ- честички во Скопје минатата недела достигна до 171 и воздухот беше категоризиран како „нездрав“. Слични вредности имаше и минатите зими, а можат да се очекуваат и во следниот период, според еколошки здруженија.
Граѓаните ќе може да ја тужат државата пред Управен суд поради загаден воздух
„Белите дробови се први на удар. Вдишуваме воздух со енормни колични штетни гасови. Се јавуваат алергии, инфекции, луѓето се жалат на главоболки што не им поминуваат. Пациенти кои ги третираме не реагираат на терапија или не реагираат онака како што докторите очекуваме. Загадувањето е една од главните причини“, вели д-р Андон Чибишев, директор на Клиниката за токсикологија, за Радио Слободна Европа (РСЕ). Како влијае загадувањето врз здравјето, особено врз порастот на малигните заболувања, покажува и десетгодишниот извештај за состојбата со рак кај населението во државава од 2013 до 2022 година, што го објави Институтот за јавно здравје.
Според извештајот, ракот на бели дробови е на прво место од сите канцери меѓу граѓаните во Северна Македонија во последната декада. Најмногу е застапен во Скопје, со по 3о2 случаи просечно годишно.
„Мојот сопруг се разболе на 47 години. Во пет месеци имаше четири хемотерапии, 24 зрачења на бели дробови и десет зрачења на глава. Доцна му беше откриена дијагнозата, почина за помалку од една година“, вели соговорничка на РСЕ која бараше да остане анонимна. Северна Македонија има највисока стапка на смртност во Европа како последица на загадувањето на воздухот. Тоа го пишува во извештајот „Состојбата на здравјето во Европа во 2024“ на Европската комисија и Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), објави „Еуроњуз“ на 11 јануари. На второ место е Србија.
Сѐ повеќе болни секоја година
Просечно годишно од рак на бели дробови се разболувале по 876 луѓе, а 793 луѓе годишно умирале од болеста меѓу 2013 и 2022 година, покажуваат податоците на ИЈЗ.
Бројките одат нагоре и во последните две години. Клиниката за онкологија во 2023 имала 696 нови пациенти со рак на бели дробови. Ланската 2024 година бројот пораснал на 725 новорегистрирани пациенти со оваа болест, покажуваат податоците што РСЕ ги доби од клиниката. Плус на овие бројки се пациенти кои се лекувале на приватни клиники или во други болници.
Д-р Игор Стојковски, директор на Клиниката за онкологија, вели дека цигарите се прва причина за канцерот на бели дробови.
„Ние сме пушачка нација. На трендот на пораст сигурно влијае и загадувањето. Потребни се посериозни анализи за тие пациенти, дали се пушачи, во кои средини живеат, за да можеме да кажеме кој фактор колкаво влијание има“, вели д-р Стојковски за РСЕ. Според истражувања на ИЈЗ,речиси половина од населението во Северна Македонија(45, 4 отсто) се активни пушачи. Додека канцерот на бели дробови галопира, а познат е како еден од најсмртоносните видови канцери, има само четворица специјалисти на Одделот за малигни тумори на бели дробови при Клиниката за онкологија во Скопје. Се чекаат специјализации и нови вработувања.
За да дишеме чист воздух во зима, инвестиции треба уште во лето
Д-р Чибишев, пак, вели дека и непушачите секој ден „пушат“ загаден воздух.
„Не е работата да се воведат мерки што ќе дадат резултат после пет години. Треба да се преземе нешто-веднаш. На пример, државата дава разни субвенции, нека даде и за прочистувачи во болниците, училиштата… Ситуацијата нема да се подобрува, напротив, процентот на болести само ќе се зголемува“, вели д-р Чибишев.
Мерки има, резултати не се гледаат
Во ноември минатата година Владата објави Акциски план со краткорочни мерки за намалување на емисиите на загадувачки супстанции во воздухот. Беше донесена и наредба за воведување десет мерки за намалување на емисиите на загадувачки супстанции кога ќе го надминат дозволениот праг. Тоа е во рамки на краткорочните мерки против загадувањето, кои се сведуваат на зајакнати контроли и забрани. Во долгорочните мерки Владата најави изградба на когенеративни гасни централи, забрзана гасификација, промена на начинот на загревање во јавни објекти… Само во Скопје има над 100 институции кои користат нафта и мазут за греење според податоците на граѓанската инцијатива „Шанса за Центар“.
Итни мерки за загадувањето има, но треба желба
Но, еколошки активисти велат дека од секоја политичка гарнитура ја слушаат истата приказна – дека „ќе биде“, дека не може веднаш да се реши проблемот. “Приказната дека треба да се чека четири, пет, десет, сто години… знаете ли колку мртви луѓе се тоа? Во наредните 10 години колку, 50.000, 100.000 мртви ќе имаме? Секоја година се влошува ситуацијата со заболените“, рече Горјан Јовановски, активист и независен советник во Град Скопје од иницијативата Зелен Хуман Град, во разговор за РСЕ. Според податоците од Мој град, секоја година, околу 3.828 луѓе во Македонија ги губат животите како директна последица на изложеноста на штетните честички PM2.5. Тоа е 17,7 0тсто од вкупната смртност во државата.
Додека бебиња умираат, нема ни пари, ни мерки за загадениот воздух
Во септември лани, УНИЦЕФ објави алармантна статистика за последиците од загадувањето врз здравјето на најмалите. „Секој деветти смртен случај кај новороденчињата во Северна Македонија е поврзан со загаден воздух“, објави агенцијата на Обединетите нации. Градови со најголемо загадување се Скопје, Тетово и Битола, каде мерните станици често покажуваат високи концентрации на честичките PM2,5 кои се меѓу најопасните загадувачи. Сепак, бројни анализи и упатени во проблемот укажуваат дека воздухот е загаден речиси во секое населено место, со концентрации на ПМ2,5 и други загадувачки материи кои редовно ги надминуваат нивоата поставени од ЕУ и Светската здравствена организација.