Градоначалникот на Општина Чаир, Висар Ганиу на прес-конференција ги повика институциите да постапат по обвинувањата, а не Данела Арсовска да прави шоу. Тој вчера заедно со десетици поддржувачи истури смет пред бараките на Град Скопје, по што градоначалничката се појави таму и го обвини дека избегал. Претходните денови Арсовска на повеќе наврати објавува видеа во живо на социјалната мрежа Фејсбук директно од Чаир, а такво најави и за денеска
Ако има нешто незаконски во општина Чаир, редно е да постапат органите, а не градоначалничката Данела Арсовска да ја игра улогата на истражен орган, порача денеска градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу. Претходно Арсовска објави видеа на Фејсбук во кои го обвинува и повикува на одговорност за наводни дивоградби во општината. Ганиу денеска најави дека на суд ќе бара Арсовска да го докаже тоа за што го обвинува.
„Во 2005 година, според новата територијална поделба, Чаир кога беше земен, само мал дел припаѓаше на бившата општина Чаир, а другиот дел припаѓаше на Центар, која беше една од најразвиените општини. Нашите сограѓани, 80 отсто беа без документи, живееја во дивоградби. Близу 500 илјади дивоградби имаше во цела Македонија, а 130 илјади дивоградби имаше во 2011 година. Сега замислете сите диговградби ги барате во Чаир, во 3 километри, тоа не е коректно. Чаир не е ни петта општина по број на дивоградби. Ова е шоу на Арсовска. За сите неточни информации, собираме сè што она изговара, начинот на кој им се обраќа на градоначалникот на Чаир, сепак мене ме избрале граѓаните, не сум јас некој на кого може да му се обраќа со „Ајде, ти мажиште“, рече Ганиу на прес-конференцијата.
Тој кажа дека 3 и пол години ја моли да ги повикува еднаш месечно градоначалниците на сите 10 општини, но таа во својот мандат само два пати ги повикала.
„Јас ви тврдам дека и последната зграда која ја објави, ние сме ја легализирале и тоа на суд ќе го докажеме. Таа вели дека ние бришеме документи. Ништо не бришеме и сето тоа ќе го докажеме на суд. Не е во ред мене да ми каже дека ми ја палат колата, ете ми ја колата на паркинг, во неа се вози моето семејство. И за тоа ќе покренам судски постапки. Обвинува за узурпација на државно земјиште. Ние немаме место и да сакаме да узурпираме. Во мојот мандат никој не влегол ни еден метар за да узурпира парк“, тврди Ганиу.
По видеата на Арсовска, Ганиу заедно со негови сопартијци и десетици поддржувачи, вчера истурија смет пред бараките на Град Скопје, кој бил собран во камион од скопската Чаршија.„За истурањето на сметот, знаев дека е тоа противзаконски, но немав друго чаре како да постапам. Наше богатство е Чаршијата, тоа е нашата држава. Да го оставиш на тоа ниво со смет, кај што има туристи, не е во ред“, рече Ганиу, кој потенцира дека општина Чаир не должи 7 милиони денари на Јавното претпријатие Комунална хигиена, како што тврдеше Арсовска во едно од видеата.
„Не должиме ни кон Комунална ни кон град Скопје. Ако должиме, нека покренат постапка, па ќе се видиме на суд. Јас излегувам со факти. Арсовска милува кавга и вакви шоу сцени, но близу 70 илјади луѓе живеат во Чаир. Дали еден проект виделе од неа? Ни еден денар не е инвестиран во Чаир“, рече градоначалникот.Ганиу зборуваше и дека алармантно е во 21 век Чаир да се гуши во ѓубре и граѓаните да се плашат од ширење зарази.
„Каде е обновата на булеварот „Цветан Димов“? Ветивте мега парк во Чаир, зошто го нема? Ветивте бесплатен јавен превоз, олеснување за семејниот буџет. Ветивте поврзување на бул. Словенија со Ѓорче Петров, го нема. Ветивте нов булевар Хрватска во Аеродром, остана само на слајд од изборна кампања. Ветивте инвестиции во Чаршија, а наместо тоа, занаетчиите се борат за опстанок. Граѓаните чекаат дела, а не полноќно шоу“, истакна Ганиу.
Градоначалничката Арсовска, пак, доцна синоќа откако Ганиу го истури сметот се појави пред бараките на Град Скопје и го обвини дека избегал. Таа претходните денови постојано објавува видеа во живо на социјалната мрежа Фејсбук со обвинувања за Ганиу, а и за денеска најави ново вклучување од Чаир. Taa тврди дека во Чаир има повеќе од 150 утврдени дивоградби во кои живеат илјадници граѓани чиј живот според неа, е во опасност бидејќи тие објекти наводно немале соодветна документација, надзор, пресметана статика, хидрантски мрежи, итни излези.