Животот навистина може да биде беспрекорно „вкусен“, а тоа го потврдува и Дијана Иваноска од Тетово, која со својот талент за комбинација на вкусови нè носи на едно исклучително гастрономско патување. Иваноска стои зад инстаграм-профилот „Dash of Spice“ и ни ги открива малите тајни за создавање магија од вкусови. Своите рецепти почнала да ги споделува со своите следбеници и пријатели од почетокот на пандемијата. Инвентивната Дијана денеска споделува рецепт за едно вистинско гастрономско уживање – брзи погачици.
Состојки:
– 270 грама брашно
– 1/2 лажичка сол
– 1 лажица шеќер
– 2 лажички прашок за печиво
– 85 грама путер исечкан и ладен
– 180 мл млеко (ладно)
Подготовка:
Загрејте ја рерната на 200 степени Целзиусови. Во подлабок сад измешајте ги брашното, солта, шеќерот и печивото. Додајте го путерот и тријте го во брашното додека добиете ронлива смеса.
Додавајте полека од млекото и мешајте со виљушка да се навлажни поголемиот дел од брашното. Сипете ја смесата на набрашнета работна површина и со рацете, без да месите, спојте го тестото во правоаголна форма. Исечете го на четири дела. Наредете ги еден врз друг и притиснете со рацете додека повторно да добиете правоаголна форма. Повторете ја постапката уште еднаш.
Натапкајте го пак со рацете до дебелина од 1-1,5 см. Со секач вадете форми и ставете ги на тавче за печење обложено со хартија за печење. Спојте ги остатоците тесто и повторно сечете. За да не го повторувате овој чекор, може на почеток тестото да го исечете на коцки или триаголници наместо да сечете форми со калап. Премачкајте ги со слатка павлака (опционално) и печете околу 15 минути. Послужете со изматена слатка павлака и со мармалад. Јас ги полнев со мармалад од портокал и слатка павлака. Превкусно!