Претседателот на Собранието, на покана на претседателката на Националното собрание (Мили Меџлис) Сахиба Гафарова, од денеска до 19 јуни 2025 година ќе биде во официјална посета на Република Азербејџан. Како што информира собраниската прес-служба, делегацијата што ќе ја предводи претседателот ја сочинуваат и пратеникот Петар Марков, кој е и претседател на Пратеничката група за соработка со Азербејџан во Собранието на Република Северна Македонија, пратеничката Имрлије Салиу-Фетаи и генералната секретарка на Собранието Марина Димовска.
Претседателот Гаши, покрај средбата со неговата колешка, претседателката Гафарова, ќе има средба и со претседателот на Република Азербејџан Илхам Алиев. Гаши ќе се сретне и со министерот за енергетика Парвиз Шахбазов, како и со министерот за економија во Владата на Република Азербејџан, Микаил Џабаров. Претседателот Гаши ќе учествува и на пролетната сесија на 65. Генерално собрание на Парламентарното собрание на Црноморската економска соработка (ПАБСЕК), што се одржува во Баку, Азербејџан, каде ќе има и свое обраќање.