Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска се обрати на Парламентарно-економскиот форум на Медитеранот, кој се одржува во Маракеш, Кралството Мароко. Форумот претставува важна платформа за унапредување на соработката меѓу медитеранските земји во области како што се економијата, демократијата и одржливиот развој. Во своето обраќање, претседателот Гаши истакна дека Северна Македонија, иако мала по територија, има големи амбиции и јасна визија за иднината. „Ние ја разбираме моќта на поврзаноста – економска, политичка и човечка“, рече тој, нагласувајќи ја заложбата на државата за регионална соработка и заеднички просперитет.
Говорејќи за предизвиците со кои се соочува Медитеранскиот регион – климатските промени, миграциите, економските нееднаквости – претседателот Гаши повика на заеднички, прекугранични решенија и истакна дека ваквите форуми се можност за конкретна акција, не само за дискусија.„Мораме да создадеме механизми за инклузивни инвестиции, да ги охрабриме младите генерации и да ја унапредиме зелената економија. Северна Македонија е подготвена да даде активен придонес“ – рече Гаши. Тој, исто така, посочи дека Собранието активно работи на усогласување на законодавството со европските стандарди, со цел создавање на транспарентна, праведна и конкурентна економска средина. На крајот од своето обраќање, претседателот Гаши повика на продлабочување на соработката меѓу парламентите, бизнисите и граѓаните на медитеранските земји, со цел градење на заедничка иднина заснована на мир, просперитет и солидарност.