Денес, претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, оствари средба со претседателот на Фондацијата Конрад Аденауер (КАС) и поранешен претседател на германскиот Бундестаг, проф. д-р Ноберт Ламерт. Претседателот Гаши, честитајќи му на Ламерт за овој значаен јубилеј за Фондацијата Конрад Аденауер со кој се одбележуваат 25 години работа на Фондацијата во Република Северна Македонија, го подвлече придонесот за демократскиот развој на државата. Гаши се осврна на придонесот и процесите кои Фондацијата Конрад Аденауер ги спроведе во сферата на владеење на правото, демократски напредок, меѓупартиски дијалог, како и поддршка на студенти да студираат во Федерална Република Германија.
Претседателот го запозна гостинот со тековните активности во Собранието, политичките случувања во државата, како и со реформите кои ги спроведуваме во насока на интеграција во Европската Унија. Ламерт, заблагодарувајќи се за срдечниот прием и за позитивните впечатоци кои ги споделил претседателот Гаши, нагласи дека овој јубилеј е особено важен за Фондацијата зашто потврдува дека остроумноста на Аденауер, како и неговата визија и умерениот пристап, се далекусежни и валидни и 70 години по неговиот мандат. Со оглед на тоа што Фондацијата Конрад Аденауер има над 70 претставништва во 120 држави, денешната средба во Собранието, е потврда за значењето кое Фондацијата го дава на соработката со Република Северна Македонија и Собранието.
Ламерт се осврна на досегашната соработка со нашата држава и успешните проекти кои се реализирале благодарение на отворените врати на политичките партии и политичари. Соговорниците се согласија дека соработката и работата на Фондацијата Конрад Аденауер со Собранието треба да продолжи и во иднина, особено во сферата на надзорна улога на Собранието, унапредување на парламентарната дипломатија и подобрување на перцепцијата на граѓаните за Собранието. Во досегашните и идните процеси, особено важно е дека Фондацијата Конрад Аденауер ужива углед меѓу граѓаните и граѓанското општество.