Претседателот на Собранието, Африм Гаши вели дека мнозинството во Парламентот е стабилно без разлика дали некој ќе излезе или влезе заради превирањата во коалицијата „Вреди“. Според него парламентарните избори треба да се одржат во редовен термин. Во интервју за Радио Слободна Европа, Гаши ги отфрли повиците на ДУИ дека неопходни се и парламентарни избори заедно со локалните.
„Мнозинството е многу стабилно, веќе околу две третини имаме. Од друга страна, локални избори се наближуваат, но мислам дека не треба да не фаќа така секогаш изборна треска и адреналин дека мора да правиме избори за се. Мора да ги сфатиме локалните избори по природата, какви се и тие во суштина. Се разговара за канализација, за водовод, за почисти патишта, осветлување и мислам дека не треба високата политика да ја вметнеме во делот на локалните избори“, вели Гаши. На прашањето дали очекува да останат во Владата нивниот коалициски партнер – Алијанса за Албанците и Таравари, Гаши вели дека тоа е работа која ќе ја одлучат политичките лидери од Влен. Веќе има најави за окрупнување или хомогенизација на Влен во една политичка партија, додаде тој. Според Гаши, причината за обединување на четворицата лидери во една политичка партија е стабилноста и сигурноста која им е потребна на граѓаните.
„Граѓаните сакаат стабилност. Според мене, една од најголемите причини зошто еден човек се одлучува да гласа за една политичка партија. Можеби они не знаат тоа да го кажат, но во потсвеста стои стабилноста и сигурноста која треба граѓанинот, гласачот да ја има кон една политичка структура. Меѓутоа, бевме 4 политички партии во коалицијата ВЛЕН и сакаме да дадеме стабилност дека овој проект е долгорочен и дека граѓаните можат и треба да калкулираат и да очекуваат да ги реализираме нивните потреби“, нагласи Гаши.