Интерпелацијата за претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски можно е да биде отфрлена или пак, претседателот на Собранието Африм Гаши може да ја врати на подносителот ДУИ да ја доработи, велат од Собранието за „Слободен печат“. Гаши допрва ќе проценува дали интерпелацијата за Костадиновски ќе се најде на дневен ред во Собранието, зашто ДУИ барањето го поднела за одговорност на претседател на Уставниот суд, а Собранието не избира претседател, туку член на Уставен суд, а Судот го избира претседателот.
Инаку интерпелацијата за Костадиновски веќе е стасана во Собранието.
ДУИ вчера поднесе интерпелација за Костадиновски со образложение дека претседателот на Уставниот суд свесно го прекршил Законот за употреба на јазиците. Пратеникот Илир Хасани образложи дека интерпелацијата е поднесена за работата на Костадиновски врз основа на член 72, став 1 и став 2 од Уставот. Тој порача дека во најскоро време на некоја од следните седници ја очекува расправата за интерпелација на Костадиновски да се најде пред народните избраници.
Од Уставниот суд пак, експресно одговорија дека претседателот на Уставниот суд останува на ставот дека нема да коментира политички изјави и постапки. Во врска со можноста за интерпелација на уставен судија, Судот веќе официјално има соопштено став на 13 март 2025 година, информираат од Уставниот суд, по најавеното барање за интерпелација на претседателот на Уставниот суд. Во врска со т.н. интерпелации на уставни судии, Уставниот суд во март годинава, излезе со став дека: Уставот не предвидува никаква можност за разрешување на уставен судија ниту од страна на законодавната, ниту од извршната власт“ и дека институтот „интерпелација“ предвиден во членот 72 од Уставот, во никој случај не се однесува и не може да се примени за уставните судии.