Убедливата победа над Њукасл во Премиер лигата (4:0) не ја менува реалноста на Манчестер сити, кој во среда ќе игра за живот на стадионот „Сантијаго Бернабеу“. Фудбалерите на Пеп Гвардиола ќе му гостуваат на Реал Мадрид во реваншот од плеј-офот од Лигата на шампионите, откако Шпанците славеа со 3:2 на „Етихад“ во првиот меч. Играчите на Карло Анчелоти се поблиску до следната фаза во ЛШ. Покрај одличниот резултат ќе играат и пред своите навивачи. „Граѓаните“, се разбира, не се тим за потценување, но нивниот тренер како да капитулираше уште пред реваншот.
– Секако дека ни помага победата против Њукасл, но шансите за победа на Бернабеу се многу мали. Не знам дали стигнуваме до еден процент. Можеби е и помалку. Ако ги прашате луѓето пред натпреварот, сите знаат кои се фаворитите за понатамошен пласман – рече Гвардиола.