Воените реминисценции на генералот Ангелов ги разбирам, човекот се борел, бил тешко ранет во 2001-ва, му загинале другари пред очите, одел на погреби, и ден денеска се мачи со инвалидите од војната, го боли срцето и душата за тие луѓе и нивните семејства…
Но во исто време генералот како да е растргнат меѓу воинот Ангелов кој сака да се докаже на боиштата и миротворецот Ангелов, политичарот Ангелов, семејниот човек и татко Ангелов кој знае дека војните се ужас, хорор и за луѓето и за децата и за жените и за родителите…
Еден ден генералот повикува на помирување и носи цвеќе на гробишта на убиени цивили Албанци, друг ден се нервира што политичарите не му дозволиле воено да се пресмета со Албанците и се нервира за рамковниот договор и го прогласува за политички пораз. Но вистината е сепак сосема поинаква. Рамковниот договор е најголема победа на политиката во изминатите 1000 години, камо среќа такви политички подвизи да имаше секаде во светот и војните да се сечеа во старт додека уште не се разгореле па немало 100 000 жртви и уште толку ранети, милиони раселени, иљадници жени силувани, села и градови запалени и срамнети со земја, масовни гробници низ шумите…
За жал иако го ценам многу генералот Ангелов, му се восхитувам на неговата храброст и чест како човек, сепак неговите медиски настапи овие години се штетни за оваа земја, се храни оној мит на десничарите дека со Албанците треба и може воено да се пресметаме и да ги победиме, тоа е канцер идеја, тоа е тумор кој расте и се заканува да ни ја голтне државата со се нас како граѓани кои уште не сме киднале од овде поради икс причини, чиста мрза или просто лудило…