Една од најтажните слики што ќе остане да сведочи за оваа страшна трагедија е кога на погребот мајките една по една на крстовите ги читаа имињата на своите деца, кои на тој кобен ден за последен пат ги видоа живи. Таа слика исполнета со бројни солзи и лелеци вечно ќе го следи Кочани, кој од град на убавината, се претвори во град на смртта. Тие отидоа една вечер на журка, но корупцијата ја претвори ноќта во вечер на хоророт. Пишува: Ирена МУЛАЧКА
Една прекрасна песна стана сурова реалност. „Ако утре ме нема“ се врежа како лузна во секое срце, кај сите нас што останавме во оваа изгорена пеплосана држава, во која секој живот е препуштен на случајност. Држава во која предвреме се умира. Веќе втора недела по ред оваа прекрасна песна на Андреј Ѓорѓиевски, кој загина спасувајќи деца во кобниот пожар, зуи во ушите на сите. Во државава, во која 650 млади луѓе една убава саботна вечер во дискотеката „Пулс“ во Кочани отидоа да се забавуваат на музиката на ДНК, за 59 млади животот згасна токму таа вечер, а околу 200 беа повредени. Едно мало гратче како Кочани, за само еден миг остана без својата младина, а 60 нови гробови заедно со тој на возачот на Брзата помош осамнаа на градските гробишта. Лелек, болка, гнев, бес, измешани чувства се насобраа во едно мало парче земја како Македонија. Никогаш нема да ја заборавам сликата како булдожерите ги копаа гробовите, кои вечно ќе зборуваат за трагедијата што го потресе светот. Тие отидоа една вечер на журка, но корупцијата ја претвори ноќта во вечер на хоророт.
Како и по секоја трагедија, ние можеме да се објаснуваме, да пишуваме, да дебатираме, да се правиме паметни, но едно е сигурно -системот пука по сите шевови. Не пука, експлодира. Овојпат толку силно експлодира, што целото мито и корупција ги извади на површина, а во тој проклет македонски систем, секој одговорен има свое име и презиме, функција – инспектор, полицаец, градоначалник, министер… Секој треба да одговара, секој еден кој на кој било начин дозволил шупата од дискотека „Пулс“ да работи. Треба да сноси одговорност за смртта на 59 млади деца, кои требаше да бидат иднината на Кочани, иднината на Македонија. За кратко време успеавме да ги научиме сите законски процедури, кои газдата Дејан Јованов-Деко ги прескокнал и за кои платил мито, за да може да печали на грбот на младите, кои редовно биле посетители во сега познатата „Куќа на смртта“. Сè внатре било спротивно на законот, не бил исполнет ниту еден услов, од фалсификувана лиценца, па сè до целокупната изградба на објектот.
Оваа траорна несреќа беше само повод да се провери сè што функционира како кабаре или дискотека во државата. Но, зошто мораше да загинат толку млади деца за некој да се освести и да види – каде, всушност, одат нашите деца? Дали секое од нив утре е потенцијална жртва на корупцијата во државава, која е навлезена во секоја пора во општеството? Овој трагичен начин, слободно можеме да го наречеме системско убиство со корупција, кое заврши со истребување на цела една генерација. Корупцијата, митото и врските ја играат главната улога во државава. Досега се уапсени триесет и четворица, а списокот сигурно ќе биде многу подолг. Но, некако во целата приказна, многу ретко се споменува Агенцијата за обезбедување „Рубикон“, која била одговорна за обезбедување на објектот. Сите видовме дека двајцата, кои биле таа вечер на должност, завршија зад решетки, но дали само тие треба да ја сносат целата одговорност? Точно, тие не смеат да пуштаат малолетници во диското по 12 часот по полноќ, но изгледа таа кобна вечер тоа било најмалку важно. На журката на ДНК во кочанската дискотека биле пуштени повеќе од 30 малолетници, од кои шест починаа, а 25 се повредени. Каде е сопственикот на Агенцијата, кој никој не го споменува, дали се свесни за тоа дека тие се виновни што млади деца на 14 години починаа. Нивната вина е кристално чиста. Не смеат да бидат изоставени од истрагата.
Во таа наша жална држава, еднаш засекогаш мора да се заборави кој од која партија доаѓа. Дали е ВМРО, дали е свети ВМРО, дали е СДСМ, дали е свети СДСМ. Не да има само жртвени јагниња, туку позади решетки мора да завршат сите оние кои на кој било начин дозволиле оваа шупа да функционира, кои зацрнија толку многу семејства, кои го оставија Кочани без младина и град кој никогаш повеќе нема да биде ист. Црн, темен, мрачен , пеплосан. Пеплосан и во душата. Едноставно, корупцијата и алчноста извршија геноцид во град од околу 26.000 жители. Мора еднаш засекогаш да извлечеме поука – ваква трагедија никогаш повеќе не смее да се повтори. Гневот и бесот насобран во народот овие две недели се излеа на улиците, каде што граѓаните на мирни протести бараат правда, молат да профункционира еден корупциски систем, кој УБИВА. И со право, додека партиите пак не вмешаа прсти, па нè вратија во времето на режимот на Никола Груевски.
И постари и помлади ги преплавија улиците, но одредени вмровски портали повторно почнаа да пребројуваат кои се наши и ваши и да ги вадат на тапет сите оние што не им одговараат, со цел да го направат протестот партиски организиран. Во оваа хајка предводи порталот Нетпрес, кој редовно брои сè што е опозиција, а заборава дека и на самите протести има доста нивни. Нели? Редно време е од Белата палата да прекинат да ја користат познатата шема како Груевски, оти само повеќе губат. Никој не протестира против нив, туку сите сакаат оваа неправда и болка да заврши и да не се повтори никогаш повеќе. Никој не добива ништо со поделби и делење на патриоти и предавници, наши и ваши, вмровци и сдсмовци. Во овој момент е потребна сплотеност и битка против митото, корупцијата, алчноста, за еднаш засекогаш да ставиме крај на еден уништен и девастиран систем, кој однесе бројни жртви. Не верувам дека на Мицкоски му оди во прилог да ги сардиса новинарските „кучиња“ да плукаат по сè што не е нивно. Не е поентата историјата да се повторува, која, сепак, на некој начин ги турна од забетонираната власт. Треба да се остави на надлежните органи да си ја вршат работата и еднаш засекогаш еден ваков страшен случај да го види светлото на денот.
Пред лицето на правдата да се исправат сите оние, од прв до последен, кои на некој начин придонеле во смртта на младите деца, кои останаа пеплосани по големиот пожар во кочанската дискотека. Ова се случи сега во Кочани, но можеше да се случи во кој било град и во која било дискотека. Реално, еврата ги отвораат сите врати, но ги отворија и новите 60 дупки на гробиштата во Кочани. Една од најтажните слики што ќе остане да сведочи за оваа страшна трагедија е кога на погребот, мајките една по една на крстовите ги читаа имињата на своите деца, кои на тој кобен ден за последен пат ги видоа живи. Таа слика исполнета со бројни солзи и лелеци вечно ќе го следи Кочани, кој од град на убавината, се претвори во град на смртта. И покрај сè што се случи, мислам дека сè уште не сме свесни. Колку и да сакаме да ги ублажиме тешките зборови, слободно можеме да кажеме дека на 16 март 2025 година во Кочани, корупцијата, митото и врските извршија геноцид врз својата младина, каков што не се памети. Колку и да сакаме да бидеме позитивни и да веруваме во правда, сепак досегашните искуства ни покажуваат дека правда во Македонија нема. Тешко на тие семејства кои своите деца ги закопаа, кои секој ден кога ќе ги отворат очите ќе ги притисне најтешката болка досега во животот – како да продолжат да живеат без своето најмило чедо? Еден збор е доволен за крај, а Македонија засега го достигна крајот.