Градоначалникот Горан Герасимовски во утринската емисија „Здраво Македонијо“ на Канал 5 телевизија потенцираше дека со воведувањето на униформи во осумте основни општински училишта сите ученици ќе бидат исти и нема да има класни разлики. „За воведување на униформи направивме истражување и анкета меѓу родителите за да видиме дали се согласни нашите ученици од прво до деветто одделение во сите осум основни училишта да бидат со нови и исти униформи, се со цел да покажеме дека сите деца се исти, дека нема класни разлики. Анкетата помина одлично, барањето на родителите беше ние како општина да најдеме начин и можност да субвенционираме и тоа го направивме преку новата програма и новиот буџет.
Распределивме финансиски средства за нашите 4.700 ученици во сите осум училишта од прво до деветто одделение.Во тек е јавната набавка за самите униформи и планираме од септември сите наши ученици бидат со нови униформи“, рече Герасимовски. Во емисијата, Герасимовски истакна дека сите проекти се прават во интерес и на барање на граѓаните. „Имаме буџетски форуми каде што граѓаните се произнесуваат за нивните потреби и идеи, а ние како општина, како тим на луѓе и сектори бараме начини и можност истите барања на граѓаните ги преточиме во проекти преку програми и буџетски средства“, посочи Герасимовски.