Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски, информира дека во тек е јавниот повик за доделување на поединечни субвенции за купување велосипеди, е-велосипеди, е-тротинети и дополнителна опрема. Герасимовски, потенцира дека од 2022 година досега доделени се вкупно 376 субвенции за велосипеди. „Го поттикнуваме користењето на алтернативни и еколошки превозни средства. Од 2022 година досега, доделивме 376 субвенции за велоспеди, 47 субвенции за е-велосипеди и е-тротинети, како и 7 субвенции за дополнителна опрема. Ги повикувам центарци да се пријават на јавниот повик којшто е во тек, ајде заеднички да поддржиме одржлив транспорт и да го намалиме сообраќајниот метеж. Со повеќе велосипеди градиме поздрава и попријатна средина за сите нас. Овие субвенции се дел од нашите заложби за подобар квалитет на живот во централното градско подрачје“, вели Герасимовски.
Центарци можат да добијат субвенција од 30% од цената на превозното средство, но најмногу до 3.000 денари, како и субвенција за дополнителна опрема (детски седишта и кациги) до 1.000 денари. Повикот е отворен од 24 март, а барањата ќе се обработуваат по принципот „прв дојден, прв услужен“. Правото на субвенција е еднократно, а жителите на Центар треба да поднесат барање со потребна документација: копија од лична карта, копија од трансакциска сметка и фискална сметка во оригинал и истата да ја достават во архивата на Општина Центар, барака бр.6, од 09.00 до 15.00 часот. За повеќе информации, граѓаните можат да се обратат на телефонските броеви 02/3203-600 и 02/3203-693 или да ја посетат веб-страницата centar.gov.mk: https://www.centar.gov.mk/?p=24738.