Градоначалникот Горан Герасимовски, во емисијата „Во живо – Програма на градови“ на МРТ1 потенцираше дека во тек е јавен повик за субвенционирање на млади лица за полагање на возачки испит. „Се грижиме за сите центарци, почнувајќи од најмладите, па се до највозрасните. Имаме доста субвенции, во месец февруари објавивме повик за субвенционирање на нашите млади, идни возачи. Субвенционираме 10.000 денари на млади лица кои се родени во 2007-ма, а годинава ќе бидат полнолетни. Мерката ги опфаќа жителите на Општина Центар кои земаат часови во автошколи регистрирани на територијата на Центар. Условите за апликација се едноставни со доставување на лична карта и трансакциска сметка. Недозволиво е позади воланот да седат млади коишто немаат положено возачки испит, па затоа како општина решивме после сите оние немили настани коишто се случуваат по сообраќајниците да делуваме преку изнаоѓање начин со одвојување финансиски средства од 5 милиони денари со кои ќе превенираме идни несреќи. Грижата за сообраќајот и безбедноста мора да бидат на највисоко ниво“, рече Герасимовски.
Герасимовски истакна дека е задоволен од досегашниот покажан интерес, има над 20 пријави, а самиот повик трае до исцрпување на финансиските средства, односно до крајот на календарска 2025 година. „Направивме анализа пред објавување на повикот за бројот на младите кои оваа година ќе наполнат 18 години, и така е конструиран буџетот. Верувам дека истиот ќе ги покрие сите барања кои пристигнуваат на наша адреса, дури во предвид е опцијата доколку не се исцрпени од конкретната возрасна група, да се најде можност за менување на програмата и условите со што би се опфатиле и лица над 18 години чијашто процедура за возачки испит е во тек“, порача Герасимовски. Во емисијата, во однос и за алтернативни превозни средства, тој изјави дека во тек е јавниот повик и за субвенционирање на велосипеди, а најголема цел и предизвик е да се менуваат навиките не само на младите, туку и на повозрасните, да се премине на користење на велосипеди и тротинети како превозни средства. „Пред сѐ, да ја заштитиме животната средина, а потоа и да си го олесниме секојдневнието. Јас лично често користам велосипед, бидејќи така побрзо се стигнува, не ни треба паркинг, физички сме поактивни и одговорни кон животната средина. Токму затоа, општината неколку години по ред издвојува средства за оваа намена“, изјави Герасимовски.