Денеска, на отвореното спортско игралиште во ООУ „Димитар Миладинов“, успешно се реализираше проектот „И ние децата сме учесници во сообраќајот“, организиран од Општина Центар. Проектот има за цел преку едукативни и практични активности да ја зголеми свеста кај учениците за безбедно учество во сообраќајот. Во настанот учествуваа вработени од општината, наставници по техничко и физичко образование, како и 24 ученици од 8 основни училишта на територија на општината. Учениците покажаа одлични вештини во возење велосипед на посебно подготвен полигон, поставен од наставниците по техничко образование.
Градоначалникот Горан Герасимовски потенцираше дека општината е посветена на создавање побезбедна средина за децата. „Преку вакви проекти не само што учиме, туку исто така и градиме одговорни млади учесници во сообраќајот. Настанот беше одличен пример како преку едукација и игра може да се влијае врз свеста за сообраќајната култура кај најмладите”, рече Герасимовски.
Герасимовски ги награди најдобрите учесници со дипломи и вредносни ваучери од Мега спорт во висина од 12.000 денари за прво, 9.000 илјади денари второ и 6.000 денари за трето место. Прво место освои ученикот Димитар Арсиќ од ООУ „Гоце Делчев“, второ место Дамјан Чивчиристовски од ООУ „Киро Глигоров“ и трето место Томи Тодоровски од ООУ „Киро Глигоров“. „Општина Центар и во иднина ќе продолжи со организирање вакви и слични настани со цел подобрување на безбедноста и едукацијата на младите во сообраќајот”, додаде Герасимовски.