Градоначалникот Горан Герасимовски, се сретна со претставници од Ансамблот на народни игри и песни „Орце Николов“, еден од најстарите и најзначајни носители на фолклорната традиција во државата. На средбата, се дискутираше за тековните културни активности во општината, за локалната поддршка за културниот развој и за можностите за продлабочување на соработката.
Ансамблот, оваа година одбележува 80 години од своето постоење и е еден од добитниците на Конкурсот за финансиска поддршка на културни проекти на Општина Центар. За проектот „80 години волшебен свет на фолклорот“, ансамблот доби финансиска поддршка во износ од 30.000 денари.
„Преку континуирана и зголемена поддршка на културата, покажуваме дека ја вреднуваме традицијата, уметноста и креативноста. Чест ми е што со Ансамлот имаме одлична соработка и што годинава на нивниот јубилеј ги поддржавме негувајќи го и пренесувајќи го фолклорот како дел од културното богатство на нашата држава. Вложуваме во културата преку низа културни манифестации што обединуваат и радуваат граѓани од сите возрасти – од најмали до највозрасни. За само неколку години го зголемивме буџетот за култура од 3 милиони денари во 2021 година на 13 милиони денари годинава. Тоа е доказ дека културата е и ќе остане наш приоритет“, рече Герасимовски.Во рамки на средбата, Герасимовски доби плакета од страна на Ансамблот „Орце Николов“, како знак на благодарност за досегашната успешна и долгорочна соработка.