Градоначалникот Горан Герасимовски, во утринската програма „Македонија наутро“ на МРТ говореше за сите проекти што се имплементираат за развој на Општина Центар. Герасимовски информираше дека во тек е јавниот повик за изработка на мини мурали и графити коишто треба да ги разубават фасадите во Центар.
„Ова е еден од многуте повици коишто ги има општината, цел ни е да се грижиме за најмладите, за највозрасните, за уметниците, но и за разубавување на нашите фасади, нашата општина да заличи на урбаните метрополи од европските држави. Имаме повеќе мурали почнувајќи од Горан Стефановски, маестро Џамбазов, а продолжуваме и сега со повикот. Целта ни е да ги поттикнеме младите креативци да се изразат преку цртање на мурали и разубавување на нашите центарски улици“, рече Герасимовски. Во емисијата, Герасимовски посочи дека сите поединци и здруженија што можат да учествуваат треба да одберат локација којашто ќе биде одобрена од сопствениците на станбениот објект кадешто ќе се црта самиот мурал.
„Верувам дека ќе има голема заинтересираност и верувам дека ќе направат сè да разубавиме повеќе фасади во Центар. Самиот повик е до крајот на неделата. Целта ни е да ги поттикнеме и другите градоначалници да спроведуваат вакви проекти, да не биде само Општина Центар кадешто ќе може да се изразуваат уметниците преку ѕидовите и да ја разубавуваат општината. Ако заприметите скоро сите наши училишта се со графити почнувајќи од Димитар Миладинов, Кочо Рацин, кои даваат една топлина и еден друг сјај. Под капата на општината е и културниот центар „Јадро“ којшто ги менува графитите на неколку месеци во текот на годината. Сите оние објекти коишто се под наша капа ги ослободуваме за слободно изразување на уметниците, а оние објекти коишто се во сопственост на жителите бараме согласности од истите“, изјави Герасимовски.
Општина Центар е една од ретките којашто ослободи легални ѕидови на локалните уметници.
Со почит,
Општина Центар