Во емисијата „Пресврт“ на Слободен печат , градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, зборуваше за енергетската транзиција како еден од главните приоритети на општината. Истакна дека фотоволтаиците поставени на ООУ „Киро Глигоров“ се при крај со добивање лиценца, а наредните денови се очекува и нивно официјално пуштање во употреба. На кровната површина се поставени 720 панели со максимална инсталирана моќност од 396 киловати за производство на електрична енергија.
„Горд сум што на моја иницијатива го формиравме претпријатието Енергија Центар кое ќе носи долгорочни придобивки. Веќе завршивме проекти за поставување фотоволтаици и на паркингот на ПОЦ, како и во училиштата „11 Октомври“, „Димитар Миладинов“, „Гоце Делчев“ и „Кочо Рацин“. Со овие системи ќе ги покриваме сопствените енергетски потреби, а вишоците ќе се продаваат,“ рече Герасимовски. Додаде дека претпријатието „Енергија Центар“ досега има добиено повеќе меѓународни награди за својата работа, што е потврда за иновативниот и одржлив пристап на Центар кон енергијата. Покрај ова, Герасимовски ги спомена и другите реализирани проекти: изградбата на новата градинка „Пролет“, доградбата на ООУ „Коле Неделковски“, реконструкцијата на спортската сала „Работнички“ и модернизацијата на уличното осветлување преку проектот „Смарт сити“.