Градоначалникот Горан Герасимовски по повод Меѓународниот ден на чиста енергија 26 јануари, истакнува дека Општина Центар е лидер во енергетска транформација на локално ниво со имплементирани еколошки проекти и добиени бројни признанија.
„Во изминатите четири години од мојот мандат како градоначалник на сите граѓани интензивно работиме на социо-еколошката трансформација на општината. Центар е прва општина од целата држава којашто отвори енергетска канцеларија, но исто така Центар е и првата општина што оформи трговско друштво за производство и продажба на струја „Енергија Центар“. За формирањето на ова трговско друштво, во месец декември ја добивме и меѓународната престижна награда „TRANSIT“ на натпреварот за транзиција кон обновливи извори на енергија кадешто учество зедоа претпријатија од Велика Британија, Шпанија, Кипар, Малта, Хрватска, Црна Гора, Србија и Македонија. Ние бевме единствениот победник, што е одличен показател и резултат за нашата посветеност“, потенцира Герасимовски. Герасимовски, информира дека постигната е заштеда од 50% од потрошувачката на електрична енергија со поставените фотоволтаици на покривот на градинката „Раде Јовчевски Корчагин“ во објектот „Пепелашка“.