„Летната културна програма ја започнуваме со големиот концерт „Центарска симфонија“ на 28 јуни, од 20 часот, на плочникот кај Градски ѕид, зад Соборниот храм. Специјален гостин ќе биде Александар Тарабунов. Ќе има за секого по нешто – и за младите и за оние што сакаат да се потсетат на музиката од минатотo“, изјави градоначалникот Горан Герасимовски во утринската програма на Канал 5. Тој најави вистински спектакл со македонска и светска филмска музика, во изведба на камерен оркестар, бенд и вокали.
Герасимовски најави дека нов мурал посветен на Бушавата азбука ќе никне на улица Орце Николов, кадешто заедно со муралите на Стефановски и Џамбазов, ѕидовите на Дебар Маало добиваат душа и приказна.Специјално изненадување се и Центарските приказни – проект што преку урбана уметност ќе ги обележи клучните локации во Центар. Во паркот ќе биде поставена и скулптурата „ Глас на минатото“, изработена од рециклирани материјали.
„Почитувајќи го минатото, испраќаме порака за иднината,“ рече Герасимовски.
Програмата за деца „На одмор сум, во Центар сум“ и ова лето продолжува со спортски игри, театар, работилници и кино проекции.
„Да им овозможиме на сите деца креативно лето, дури и кога не се на патување. Во септември ќе го заокружиме сè со хепенингот Нешто што ќе остане, со македонски артисти и силна поддршка за домашната сцена“, рече Герасимовски.