„Со заштитата на лице кое е non-grata, УКИМ дополнително го нарушува и онака нискиот кредибилитет на академските вредности во општеството“, велат од Форумот за образовни промени. Бело платно со натпис „Како да завршиш на американската црна листа? Прашај го професорот“ вчера се најде на Техничкиот кампус на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) пред зградата на Машинскиот факултет. Со оваа герила акција, Форумот за образовни промени (FECH) на првиот ден од летниот семестар побара отстранување од работа на универзитетскиот професор Кочо Анѓушев, кој се наоѓа на американската црна листа. „За да го истакнеме фактот дека еден од најкорумпираните и најбезинтегритетни личности како Кочо Анѓушев сè уште предава на Машинскиот факултет, Форумот за образовни промени денес беше присутен на кампусот на Машински факултет за да реализира една симболична акција. На студентите, во првиот ден од семестарот, ги потсетивме дека корупцијата не е нешто што треба да се нормализира и толерира, особено не кога доаѓа од некој кој треба да биде нивен патоказ – универзитетски професор“, велат од Форумот за образовни промени.
Од таму додаваат дека на деканот на Машинскиот факултет му испратиле јасна порака дека не се повлекуваат од барањето за разрешување на Анѓушев. „Ние сметаме дека интегритетот и чесноста на еден професор се од суштинско значење, додека Анѓушев ги прекршил сите принципи. Неговото присуство меѓу професорите ги компромитира основните вредности на академскиот интегритет и ја шири културата на корупција меѓу идните генерации. Со заштитата на лице кое е non-grata, УКИМ дополнително го нарушува и онака нискиот кредибилитет на академските вредности во општеството“, додаваат од FECH. Од таму велат дека преку оваа акција ги потсетуваат и надлежните институции на барањето измени во Законот за рестриктивни мерки, кои би овозможиле воведување на санкции и на национално ниво за сите што се наоѓаат на американската црна листа. „Забраната за вработување во образовните институции мора да биде една од предвидените мерки во овој закон“, велат од Форумот за образовни промени. Извор: Новинска агенција МЕТА