35-годишен Германец вчера е осуден на две години и осум месеци затвор поради неонацистички елементи во текстови од музика што ја правел и која според судот го велича насилството, јави агенцијата ДПА. „Кога ја слушате, навистина ве остава без зборови“, рече претседателот на судот во Линебург, Михаел Херман, за содржината на снимките.
Обвинетиот е осуден за поттикнување омраза, употреба на симболи на неуставни организации и за поттикнување насилство. Судот заклучи дека тој правел и продавал снимки со содржина што поттикнува омраза. Обвинетиот, кој претходно поминал 16 месеци во истражен притвор, призна некои од делата кои му се ставаат на товар. Јавното обвинителство во градот Целе побарало затворска казна од три години и осум месеци за 35-годишникот, кој и порано бил осудуван. Покрај него, им се судеше на уште четворица обвинети за учествување во производството и дистрибуцијата на спорните снимки. Двајца од нив добија условни казни.