Во интензивната изборна кампања како главни теми доминираа економијата и миграцијата и безбедноста. Германија денеска ќе излезе на гласање откако во ноември, коалицијата на Германската Социјалдемократска партија (СПД), Зелените и Слободната демократска партија (ФДП) пропадна, а канцеларот Олаф Шолц го загуби гласањето за доверба. Околу 59,2 милиони Германци имаат право да гласаат, а анкетите покажуваат дека дури 20 отсто биле неопределени пред денот на изборите. Во интензивната изборна кампања како главни теми доминираа економијата и смртоносните напади кои ги направија миграцијата и безбедноста централни прашања. Фридрих Мерц, пишува BBC, е кандидатот на конзервативната партија ЦДУ, кој е во позиција да стане следниот канцелар на Германија, во гласањето што внимателно го следат Европа и САД. Ако демохристијаните (ЦДУ) на Мерц победат на предвремените избори, тој ќе треба да склучи сојуз со најмалку уште една друга партија, најверојатно социјалдемократите на Олаф Шолц, чија влада пропадна кон крајот на минатата година.
Во пресрет на гласањето, Мерц беше категоричен дека нема да има договор со екстремно десничарската Алтернатива за Германија (АфД), која е подготвена да стане втората најголема политичка сила, пред партијата на Шолц. Мерц ветува силно лидерство во Европа, но Берлин исто така е под притисок да го олабави буџетот за војската. Како втор најголем давател на воена помош во Украина, идната влада на Германија ќе се соочи со американскиот претседател Доналд Трамп кој го осуди претседателот Володимир Зеленски како диктатор и го растури обединетиот фронт на западот против Русија. Германските политички лидери, исто така, беа шокирани од американскиот потпретседател Џеј-Ди Венс, кој се сретна со кандидатот за канцелар на АфД, Алис Вајдел, и повика да се стави крај на долгогодишното табу за разговор со екстремната десница. Мерц беше обвинет дека го прекрши минатиот месец кога ја искористи нивната поддршка во парламентот. Протести против екстремната десница веќе се организираа во неколку германски градови. АфД е веќе популарна во дел од државата, а популарноста брзо расте кај помладите Германци преку ТикТок, а едно видео од кампањата на Вајдел имаше четири милиони прегледи. АфД сака да ја напушти ЕУ, да ги укине мерките за климатските промени, да изгради нуклеарни централи и да ги поправи гасоводите и односите со Русија. Извор: Новинска агенција МЕТА